Најраспространета е претпоставката дека турбето (гробницата - мавзолејот) е посветено на ќерката Катерина на последниот босански крал Стјепан Томаш и кралицата Катерина Косача. При освојувањето на Босна во 1462 г. од страна на Османлиите таа била заробена и веројатно била мажена или доведена во Скопје и живеела како заробеник кај Гази Иса-бег. Турбето било во состав на познатите муслимански гробишта, што биле лоцирани на ова брдо. Се претпоставува дека турбето било изградено кон крајот на XV или почетокот на XVI век. Турбето настрадало во земјотресот од 1963 г. Ова место го посетувале муслиманите, но и христијаните кај кои останала долга традиција дека станува збор за почитувана кралска ќерка. Турбето е целосно реконструирано во 2014 г. со средства од македонската и босанската влада.